За проектот

Ви благодариме на посетата на нашата веб страна!

Реагирај! е иницијатива против насилството кое им се случува на жените и девојките на јавните места во Скопје. Со помош на новите технологии и анонимноста која оваа платформа ја нуди, се надеваме дека ќе собереме голем број податоци за вознемирувањата и насилствата со кои се соочуваат жените на јавните простори во Скопје, а кои често остануваат непрераскажани и непријавени. Овие податоци ќе се користат и за алармирање на надлежните органи за локациите, фреквенциите и видовите на вознемирувања и насилства кои се случуваат и со тоа се надеваме ќе придонесат за зголемување на безбедноста на жените и девојките на јавните места во Скопје.

Овој сајт ви овозможува да пријавите било какво вознемирување на улица, во парк, во автобус или било која друга јавна локација или пак само да се информирате каде се случиле последните инциденти и колку се безбедни јавните простори и патеки кои ги користите. Идејата беше да им овозможиме на жените и девојките во Скопје онлајн мапа на зачестеност на било какво вознемирување или насилство и простор каде тие можат да го споделат нивното искуство или искуството на нивните пријателки, роднини, познанички.

На Реагирај! можете да ги регистрирате сите видови на насилство од свиркање, вулгарни коментари, до пипкање, следење, сексуален напад или вознемирување и навреди кои се секојдневна реалност на жените, а кои многу ретко се пријавуваат. Преку собирање на информации, слики, видеа и приказни од жени и девојки Реагирај! ќе обезбеди социјална мрежа посветена на превенција и сузбивање на родово базираното вознемирување на јавните места.

Што ќе се случува со податоците?
Оваа веб страна е дел од проектот Истражување на опфатот на насилството на жените на јавните простори во Скопје, кој го реализира Реактор - Истражување во акција, со поддршка од UN Women - Агенцијата на Обединетите нации за родова рамноправност и зајакнување на жените. Веб страната е еден од начините на кои ние собираме податоци за степенот на насилство врз жените на јавни места во градот Скопје, видот на насилството врз жените, како и перцепцијата кај жените околу тоа колку се чувствуваат безбедни на јавните места и дали оваа перцепција се променила со текот на времето. Студијата исто така ја анализира и реакцијата на надлежните органи кон родово базираното насилство, нивната ефективност како и предизвиците со кои тие се соочуваат.

Податоците се собираат и анализираат анонимно.

За било какви дополнителни информации слободно контактирајте со:
Реактор – истражување во акција
Email: prijavinasilstvo[at]reactor.org.mk;
Тел/факс: +389-2-3245-536
Ул. „Франклин Рузвелт“ бр.46/II-8, 1000 Скопје, Република Македонија


> Ви благодариме за времето кое го одвоивте да учествувате во оваа иницијатива <